САД бараат од Србија и Косово да придонесат за регионалната стабилност, а оние кои не сакаат партнерство ќе ги сносат последиците, изјави на 16 јуни американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар.

На онлајн брифингот за новинарите, Ескобар зборуваше за актуелната криза меѓу Белград и Приштина, откако на 14 јуни тројца косовски полицајци беа лишени од слобода, а официјални лица од Србија и Косово дадоа контрадикторни информации за тој настан. Ескобар рече дека САД никогаш не зборувале за санкции туку за последици.

„Оние кои сакаат да бидат партнери со нас ќе соработуваат со Европа и Америка за точките за надминување на кризата што ги предложивме, односно на кои инсистираме, бидејќи ова е регионално прашање. Една земја и еден лидер нема да го одредат курс на регионална и европска стабилност. Значи, оние кои ќе го одбијат тоа партнерство ќе ги сносат последиците“, рече Ескобар.

Нови тензии меѓу Србија и Косово избија откако официјален Белград на 14 јуни објави дека тројца вооружени косовски полицајци се уапсени на српска територија. Од друга страна, Владата на Косово тврди дека полицајците се уапсени на територијата на Косово и ја обвинува Србија дека ги „киднапирала“.

Обвинителството во Краљево на 16 јуни соопшти дека наредило истрага против тројца косовски полицајци поради сомнение дека сториле кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и експлозивни материи.