Благоја Милевски беше суспендиран на натпреварот против Украина поради црвениот картон со Малта и затоа не го водеше тимот во петокот, но затоа против Англија беше крај теренот и го гледаше најлошото издание на неговите фудбалери откако ја презема националната селекција.
Македонија доживеа тежок пораз на гостувањето на „Олд Трафорд“ и со резултат 7:0 ќе се врати во Скопје, па поради тоа, Боби реши да и се извини на целата нација пред да почне да анализира било какви фудбалски случувања на теренот.
– Прво и основно, сакам да и се извинам на цела македонска нација за нашето издание и перформансот кој го прикажавме. Јас сум тренер на овој тим, јас ги бирам играчите и одговорноста е моја, – изјави Милевски во прес-центарот на театарот на соништата.
– Затоа, сакам да испратам мое извинување до цела нација и посебно извинување до сите навивачи, особено до оние кои дојдоа да не поддржат и во Манчестер. За жал, се случуваат и вакви работи во фудбалот. Ова се истите фудбалери кои играа со Италија, со Германија, со Португалија. И јас сум истиот тренер, но во фудбалот има и вакви денови. Потфрливме во секој поглед. Тргнувајќи од мене, па потоа во сите линии на теренот. Јас сум одговорен на прво место, јас ги бирам играчите и одредувам кој ќе игра. Игравме против најразиграниот тим во Европа, но потфрливме во сите наши замисли. Пресуди нивниот индивидуален квалитет, но ова не значи дека треба да се откажеме. Јас сум борец и не планирам да се откажам, треба да сме силни и сплотени и во вакви тешки моменти. Да преспиеме и во иднина да прикажеме подобра слика од оваа на овој меч – нагласи селекторот, кој со оваа изјава јасно стави до знаење дека не планира да си поднесе оставка.