Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека украинската контраофанзива напредува побавно од очекуваното и посочи дека војната „не е филм.“ Некои луѓе веруваат дека ова е холивудски филм и очекуваат резултати веднаш. Не е така. Се работи за човечки животи“, рече Зеленски. Тој за Би-Би-Си изјави дека контраофанзивата не оди лесно, пред се затоа што, како што наведе, руските сили минирале 200.000 квадратни километри украинска територија.
„Што и да посакаат некои, вклучително и обиди за притисок врз нас, со должна почит, ние ќе напредуваме на бојното поле како што мислиме дека е најдобро“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека е неопходно НАТО да и даде безбедносни гаранции на Украина, бидејќи целта на Киев е долгорочно членство во Алијансата.
Столтенберг ја знае мојата позиција. Многупати им кажавме да не ни го вадат тепихот од под нозете“, рече тој.
Украинскиот лидер повтори дека Украина се обидува да добие борбени авиони Ф-16 од американско производство и рече дека верува оти пилотите би можеле да започнат со обука уште во август, а првите авиони би можеле да пристигнат за шест или седум месеци.
Тој, исто така, повтори дека „победите на бојното поле се неопходни“ и дека Украина „не може да биде мирна без разлика кој е претседател во Москва“ доколку Русија остане на нејзина територија.
„Колку и да напредуваме во нашата контраофанзива, нема да се согласиме на замрзнат конфликт бидејќи тоа е војна, тоа е безнадежен развој за Украина“, рече Зеленски.
Запрашан да ја коментира изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека Зеленски е „срам за еврејскиот народ“, Зеленски изјави дека Путин „не разбира што зборува“.
„Ова се зборови на претседателот. Цивилизираниот свет не може така да зборува. Се извинувам, но се чини дека тој е вториот крал на антисемитизмот, веднаш по Хитлер“, изјави украинскиот претседател.
Тој посочи дека Путин е „опасен“ за Украина од 2014 година, кога Русија „за прв пат окупираше дел од нашата територија“.
„Тој ќе зборува за употреба на нуклеарно оружје, но мислам дека не е подготвен да го користи, бидејќи се плаши за својот живот, многу го сака. Но, не можам да кажам со сигурност, бидејќи станува збор за личност без врска со реалноста, која во 21 век започна голема војна против својот сосед“, заклучи Зелен.