„Ништо не знам, не сум оттука“ – ова е односот на надлежните за скандалот со Дрин Ахмети. Никој не смета дека има должност и обврска да ги провери бизнисите на внукот на лидерот на ДУИ и начинот на кој тој стекна 39% сопственост во деловниот центар Соравија.
Од Основното јавно обвинителство за Алфа велат дека чекале на другите институции – Управата за финансиска полиција, единицата за финансиски истраги при МВР или Управата за јавни приходи биле оние кои требале да достават известување или пријава, а дури потоа обвинителството ќе постапело согласно своите законски надлежности.
Инструментот на допрен глас се користи доколку органите надлежни за откривање кривични дела не постапуваат согласно своите надлежности. – Велат од основното јавно обвинителство.
Ниту Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција никаде го нема, но ова не ни изненадување ако се земе предвид дека на чело на оваа институција е Ислам Абази, сосленец на Дрин и Али Ахмети, човек кој има повеќе заеднички фотографии во опуштена атмосфера со таткото на новиот косопственик на Соравија.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, се оградува и прстот го вперува токму во обвинителите, тврди дека тие биле на потег.
И Финансиската полиција и натаму молчи. Веројатно најповиканата институција која треба да ги провери семејно – деловно – политичките врски на Дрин Ахмети и текот на парите втор ден официјално не одговара на нашите прашања.
Извори оттаму за Алфа единствено откриваат дека ниту има пријава за внукот на лидерот на ДУИ, ниту досега се заинтересирале за неговите бизниси.
Но, полицијата дури и да покрене иницијатива во обивнителството, во јавноста постојат серизни сомнежи за тоа како ќе постапуваат обвинителите.
Инаку, на Дрин Ахмети и поблиското семејство на лидерот на интегративците, Али Ахмети, по 2017 нагло им се пробудил претприемничкиот дух и им тргнало со бизнисите. Па во рок од само неколку години, тие основале дузина компании во разни и често неповрзани индустрии и бизнис сектори.