Општина Кочани упати повик до сопствениците на индивидуални станбени згради, на магацински простории и други објекти кои беа поплавени или претрпеа штети од невремето на 17 и 25 јуни, да поднесат пријава до Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди.

Образецот за пријавата граѓаните можат да го подигнат од едношалтерската канцеларија во зградата на Локалната самоуправа или да го преземат од официјалната општинска веб-страница.

– Заедно со пријавата треба да се приложи копија од имотен лист или од договор за закуп, копии од лична карта и трансакциска сметка, како и фотографии од настанатата штета, доколку граѓаните ги имаат. Крајниот рок за поднесување на пријавите е до 12 јули. Потоа општинската комисија за проценка ќе ги евидентира добиените барања и ќе излезе на лице место за да направи увид и да изготви записник, истакна Зоран Христов, претседател на Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди.

По евидентирњето на сите пријави ќе се изготви елаборат за состојбата што ќе биде доставен до владината Комисија за проценка и утврдување на висината на штета од елементарни непогоди, од каде треба да се определи на кој начин и за колку барања ќе се постапува за евентуално обештетување.

Поројните врнежи и атмосферските електрични празнења во текот на изминатата и оваа недела предизвикаа поплавување на објекти во градот, а на повеќе места интервенираа екипи на Територијалната противпожарна единица и на Доброволното противпожарно друштво од Кочани. Најкритично беше на улиците „Роза Петрова“, „Бел камен“ и „1 Мај“ каде имаше поплавени гаражи, подруми на куќи и магацински простории. Од гром се запали и кровна конструкција на куќа на улицата „Гоце Делчев“, по што со брза интервенција на пожарникарите беше спречено проширување на огнот и поголема материјална штета.