Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на покана на министерот за надворешни работи на Кралството Данска и поранешен министер, Ларс Локе Расмусен, денеска учествуваше на Конференцијата по повод 30-годишнината од Копенхашки критериуми, на панелот посветен на земјите кандидатки за членство во ЕУ, нивните предизвици за напредување на евроинтегративниот пат.

Маричиќ во своето излагање рече дека Копенхашките критериуми се реално најдоброто средство за одбрана од популизмот на Западен Балкан и најдобар начин за трансформација на нашите општества.

– Копенхашките критериуми се главниот водич кој го имаме во преговорите за пристапување ЕУ и за трансформацијата на нашите општества. Сметам дека токму Копенхашките критериуми ѝ помогнаа на мојата земја во тешкиот период на политички кризи, од 2014 до 2017 година, бидејќи токму тие критериуми беа вградени во нашиот системот и во нашиот Устав многу повеќе и посуштински од претходно, рече Маричиќ.

Вицепремиерот рече дека во овој момент треба да се даде значење и да нè интересираат критериумите кои не се дел од оригиналната верзија на Копенхашките критериуми, а тука Маричиќ ги спомена капацитетот за апсорпција и важноста на геополитиката, потенцирајќи дека Западен Балкан не е дел од ЕУ сè уште бидејќи е опкружен од ЕУ земји и поради тоа што не излегува на Црното море и не се граничи со Русија.

– Капацитетите за апсорпција, геостратешката важност и отворените прашања со соседните земји се чини дека се поважни од Копенхашките критериуми. Ова е нешто за кое мораме да бидеме искрени и отворени за следното проширување, порача Маричиќ пред високите поранешни и актуелни дански политичари.