Министерството за образование и наука соопшти дека во двете јунски пријавувања на ученици за да се запишат во средните училишта во Македонија се пријавиле вкупно 19.378 ученици, а по доставувањето на потребната документација се запишале 15.481 ученик.
„Првото пријавување на учениците се реализираше преку електронско аплицирање на 20 и 21 јуни, а второто пријавување на 27 и 29 јуни. Прелиминарните ранг листи се објавија на 22 јуни, односно на 29 јуни. Доставувањето на потребната документација до училиштата беше на 22 и 23 јуни и на 29 и 30 јуни. Конечните ранг листи беа објавени на 24 јуни и на 01 јули“, соопшти МОН.
Од Министерството велат дека во првото пријавување вкупно се пријавиле 16.007 ученици од кои: 11.205 ученик за настава на македонски наставен јазик, 4. 474 ученици за настава на албански наставен јазик, 322 ученици за настава на турски наставен јазик и 6 ученици за настава на српски наставен јазик.
Во второто пријавување вкупно се пријавиле 3 371 ученици од кои: 1.824 ученици за настава на македонски наставен јазик, 1.418 ученици за настава на албански наставен јазик и 129 ученици за настава на турски наставен јазик.
„Во двете пријавување вкупно се запишаа 15481 ученик, од кои: 11.325 ученици за настава на македонски наставен јазик, 3.852 ученици за настава на албански наставен јазик, 298 ученици за настава на турски наставен јазик и 6 ученици за настава на српски наставен јазик“, соопшти МОН.
Најмногу средношколци се запишани во гимназиско образование или 4.603 ученици, од кои: 3.175 ученици на македонски наставен јазик, 1.277 ученици на албански наставен јазик, 145 ученици на турски наставен јазик и 6 ученици на српски наставен јазик.
Во средните стручни училишта се запишани вкупно 10.277 ученици, од кои: 7.630 ученици на македонски наставен јазик, 2.494 ученици на албански наставен јазик, 153 ученик на турски наставен јазик.
„Во уметничкото средно училиште се запишаа 187 ученици, од кои: 164 ученици на македонски наставен јазик и 23 ученици на албански наставен јазик. Во спортската гимназија се запишаа 414 ученици, од кои 356 ученици на македонски наставен јазик и 58 ученици на албански наставен јазик“, соопшти МОН.
Од МОН веелат дека учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места по јунскиот уписен рок, а пријавување ќе се врши на 21 август до полноќ.