Министерството за правда се огласи за новото Упатство со кое се додава графа националност во изводите на родени. Во соопштението до јавноста од Министерството за правда велат дека Уптатството за изводи на родени со графа националност не се коси со законите, туку дека е во согласност со Законот за матична евиденција, објави Фокус.

Националност во матичната книга на родените се предвидува во членот 4, на венчаните во членот 11 и на умрените во член 13 од Законот за матична евиденција, соопшти Министерството за правда.

Соопштението доаѓа по денешната изјава на поранешната министерка за правда, професорката по уставно право Рената Дескоска, која изјави дека одлуката на Уставниот суд да го преиспитува новото Упатство за матични книги во кое има графа за националност е добра вест.

Според Дескоска, новото упатство треба да се поништи. Таа наведува дека сензитивните податоци за етничката припадност, религијата, политичката припадност, сексуалната ориентација не смеат да се најдат во документ, туку само во матичната книга, затоа што Македонија е потписник на неколку меѓународни документи за заштита на податоците.

Етничката припадност спаѓа во групата на ‘сензитивни’ податоци кои подлежат на посебна заштита согласно правилата за заштита на лични податоци. Други такви податоци се податоци за религиозна припадност, политичка определба, здравствена состојба, сексуална ориентација и сл. Нашата држава е потписник на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци, а јас лично во декември 2019 го потпишав и Протоколот за нејзина измена со кој дополнително се зајакнува заштитата на овие чувствителни податоци. Тој Протокол е ратификуван во Собранието во јуни 2021 и е задолжителен за нас, пишува професор Дескоска.

Професорката Дескоска објаснува дека меѓународните договори што се ратификувани согласно со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон, а уште помалку со упатство. Таа рече дека меѓународните договори се над законите и очекувала Министерството за правда да предложи измена на Законот за матична евиденција, заради усогласување со меѓународните обврски, а не измена на упатството за примена на законот.

Ова што се случува во моментот е ретрограден процес и непочитување на меѓународните обврски кои сме ги презеле како држава. Законот за матична евиденција, кој е донесен во 1995 година предвидува во матичната книга да се води податок за националност на родителите. Првото упатство за примена на законот е донесено во 2010 година и со него е предвидено во матичната книга да се води графа за националност, но во образецот за извод од матичната книга не е предвидена оваа графа. Со тоа законот е испочитуван, без да се споделуваат сензитивни податоци пред поширок круг на луѓе, каде ќе се користи изводот, изјави Дескоска.

Новото Упатство за матични книги во кои има графа националност го потпиша неодамна министерот за правда Кренар Лога. Ова го искористија бугарски невладини организации да вршат пропаганда во Македонија, со објаснување дека ако во изводите на родени стои дека по националност македонските граѓани се Бугари полесно ќе добијат бугарски пасош.

Ова наиде на остри реакции во јавноста, дел од политичките партии веднаш побараа да се поништи упатството, а Уставниот суд минатата недела најви дека на сопствена иницијатива повеле постапка за оценување на уставноста на новото упатство.