Владата закажа па потоа ја откажа прес конференцијата на која што требаше да се обрати министерот за економија Крешник Бектеши и на јавноста да и ги презентира сите поединости поврзани со рудникот „Иловица“ и да ги образложи одлуките на Владата.
Прес конференцијата беше закажана за 14 часот но по еден и пол час доцнење од владината служба и неговиот кабинет на медиумите присутни во владиниот прес центар им беше соопштено дека таа се откажува бидејќи седницата на Владата почанал со доцнење, претходела тематска седница, а дискусијата околу точката за „Иловица“ се уште трае.
Кога ќе биде закажана прес конференцијата дополнително ќе биде соопштено.
Премиерот Ковачевски, го задолжи министерот Бектеши, на денешната седница да реферира за сите управни и судски постапки односно одлуки, заклучоци, барања и дозволи поврзани со „Иловица – Штука“ и ископот на бакар и злато.
Барањето дојде откако на 27 јуни на седница на Владата беше донесена одлука за спојување на двете концесии што наиде на негодување на екологистите и голем дел од локалното население.
Тројца министри од владиниот кабинет, Спасовски, Петровска и Шукова, изјавија дека се чувствуваат изиграни и измамени и дека на гласањето не му претходела никаква дискусија.
Сепак тоа се испостави како неточно бидејќи министерот Бектеши на брифинг со медиумите минатата недела покажа дека сите документи поврзани со Иловица биле доставени пред седницата на Владата, а и вицепремиерот Битиќи потврди дека имало дискусија пред да се премине на гласање.
Што точно ќе реферира Бектеши останува нејасно бидејќи тој тврди дека сите документи веќе и се доставени на Владата.
Останува Бектеши и Владата да објаснат каков анекс на договор ќе потпишат со „Еуромакс“ и по кој основ повторно тече рокот од четири години за прибирање на неопходната документација за издавање на дозвола за ископ.
Премиерот и министрите од владечката СДСМ се на ставот дека рудник нема да има, што е спротивно на одлуката која тие самите ја изгласаа, додека министерот Бектеши соопшти дека доколку е потребно уште сто пати ќе достави предлог за спојување на концесиите за како што тврди да ги заштити интересите на државата поради можноста за поведување на арбитражен спор.