Најмалку едно лице загина во невремето што денеска ги зафати земјите кои граничат со Балтичкото Море. Станува збор за 50-годишна жена која починала во Литванија поради паѓање дрвја во близина на границата со Латвија.

Невремето предизвика одложување на летовите, прекин на траектниот сообраќај и делумно излетување на воз од шините. Два вагона на патнички воз излетаа од шините во Шведска, но нема повредени, соопшти полицијата. До несреќата дошло бидејќи насипот бил загрозен од обилни дождови и свлечиште, додаваат од полицијата. Во неделата во Шведска беа забележани илјадници удари од гром.

Во јужна Норвешка, властите го подигнаа предупредувањето за екстремни временски услови на највисоко ниво поради обилните врнежи од дожд, лизгање на земјиштето и поројните поплави, додека улиците во Осло се поплавени. Во пристаништето денеска останаа фериботите што ги поврзуваат Полска со Шведска, два германски острови со континентална Германија, како и Норвешка со Данска. Фериботите и другите бродови кои сообраќаат до германските острови Хиндензе и Риген се откажани за денеска и утре, а од туристите е побарано да ги променат плановите за патување за среда.

Во Латвија, според метеоролозите, град со големина на топче за голф паднал во селото Апгулде, југозападно од Рига. Според државната телевизија, ударите на ветерот со брзина од 108 километри на час предизвикале паѓање на дрвја. Во областа Добеле во Латвија, како што јави Балтик нуз сервис, невремето предизвикало голема штета.

Временските услови во Данска и натаму се неповолни, соопшти полицијата во југоисточниот дел на земјата на социјалната мрежа Икс, позната како Твитер. Противпожарната служба во Копенхаген ги повика луѓето да избегнуваат да одат во паркови и шуми.