„Она што мене ми го прави „министерството за неправда“ е истото што го прават земјите од третиот свет низ светот“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал.

Тој додаде дека на американските власти тоа „нема да им помине“: „Ќе ја направиме Америка повторно голема“, порача Трамп.

Специјалниот обвинител Џек Смит поднесе минатата недела ново обвинение против Трамп, кое се состои од четири точки во кои поранешниот претседател се обвинува за измама на САД, заговор за попречување службена постапка (пренос на власта), попречување и обид за попречување службена постапка, како и за кршење на правата загарантирани со уставот на САД.

Во јуни против Трамп беше поднесено обвинение во рамки на истрагата за доверливите документи кои поранешниот претседател ги изнел од Белата куќа, а пред тоа, во март, големата порота на Менхетн поднесе обвинение против Трамп за деловна измама.

Тој се соочува со можно четврто обвинение во Џорџија, каде обвинителите ги истражуваат неговите наводни напори да ги поништи изборните резултати во таа сојузна држава.