Распарченото тело на убиениот бизнисмен со криптовалути Кристијан Пеев е пронајдено во Софија. Остатоците од 41-годишниот Пеев, кој имал американско и бугарско државјанство, биле пронајдени во тоалет од водоводџии кои биле повикани да расчистат блокиран одвод, објави британскиот весник „Мирор“.
Пеев дипломирал на универзитет во САД и го создал своето богатство преку инвестиции во криптовалути. Истражителите веруваат дека бил убиен меѓу 8 и 9 август и дека убиецот е Веско Валчинов, со кого се запознал пред шест години.
Локалните медиуми објавија дека Пеев бил усмртен со тег, по што бил исечен на парчиња во бањата, а делови од телото биле фрлени во веце шолја. Истражителите го пронашле местото на убиството по проверката на двата телефона на Пеев, чиј брат го пријавил за исчезнат на 10 август. На денот кога исчезнал, Пеев го контактирал Валчинов. Безбедносните камери ги снимиле двајцата како влегуваат во зградата на 8 август, а следниот ден Валчинов сам излегол.
Уапсен е уште еден бугарски државјанин, кој признал дека му помогнал на убиецот да ги сокрие другите делови од телото на Пеев.
Бугарските медиуми шпекулираат дека мотивот за убиството се пари, откако Пеев му помогнал на Валчинов да инвестира во криптовалути.