Европската Унија објави дека ги проширила санкциите против Белорусија со забрана за извоз на голем број високо чувствителни стоки и технологии во таа земја, пренесува Република.

Како што соопшти Европската комисија, мерките усвоени од Советот на ЕУ „ги усогласуваат санкциите против Белорусија со режимот на санкции против Русија“ и обезбедуваат казнените мерки што се наметнати кон официјална Москва да не можат да се заобиколат преку Белорусија.

Забраната опфаќа стоки и технологии што придонесуваат за воениот и технолошкиот напредок на Белорусија и се погодни за употреба во воздухопловната и вселенската индустрија.

Меѓу забранетите стоки се и огнено оружје и муниција.

Воведувањето на најновиот, 11-ти пакет рестриктивни мерки е поврзано со наводната вмешаност на Белорусија во војната во Украина.