По минатонеделниот предупредувачки протест иницијативниот одбор на пензионери од Делчево за овој петок 01.09.2023 година повторно повика на јавен и мирен протест пред просториите на делчевското здружение на пензионери, пренесува БРЕГАЛНИЧКИ.МК.

Откако минатиот петок делчевските пензионери упатија до надлежните власти и ресорната министерка Тренчовска свои барања, не добија никаков одговор назад со што власта ги изигнорира нивните барања. Од тие причини иницијативниот одбор упати свое соопштение до јавноста за повторен протест кој што ќе се одржи во петок на 1 септември пред просториите на делчевскиот огранок на здружението на пензионери со почеток во 19:00 часот.

“ИНИЦИЈАТИВНИОТ ОДБОР ЗА ПРОТЕСТ НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ОД ДЕЛЧЕВО ГИ ПОВИКУВА СИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ НА МАСОВЕН МИРЕН ПРОТЕСТ НА 01.09.2023(ПЕТОК) ВО 9.00 ЧАСОТ ПРЕД ПЕНЗИОНЕРСКИОТ ДОМ ВО ДЕЛЧЕВО….ДА ПОКАЖЕМЕ ЕДИНСТВО И РЕШИТЕЛНОСТ ЗА ПОЧИТ КОН НАШИТЕ ГОДИНИ И ДОСТОИНСТВО”-стои во соопштението на иницијативниот одбор на делчевските пензионери.

Минатата недела делчевските пензионери со протестен предупредувачки марш ги изнесоа своите барања во јавност со кои што бараат достоинство за себе и своите семејства.

Пензионерите тогаш побараа:

-Линеарно зголемување од 3.500 денари за секој пензионер без разлика на износот на пензија кој го зема,

-Донесување на Закон за минимална пензија која предлагаат во моментот да изнесува 20.000 денари,

-Поддршка од раководството на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија во борбата на делчевските пензионери за остварување на сопствените права,

-Финансиско-материјална поддршка за обезбедување на превоз за присуство на Генералниот штрајк на пензионерите кој што се планира да се одржи во Скопје на 20 септември- по повод Денот на пензионерите.

Дополнително акламативно насобраните пензионери пред просториите на Здружението на пензионери во Делчево побараа бесплатни здравствени услуги за пензионерите над 70/75 години.