Индустриското производство во јули годинава во однос на јули лани е помало за 1,8 проценти. Во периодот јануари − јули 2023, пак, во споредба со истиот период минатата година, бележи раст од 1.0 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јули 2023 година, во однос на јули 2022 година, бележи опаѓање од 13.5 %, во секторот Преработувачка индустрија опаѓање од 1.2 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 8.8 %.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати,Производство на производи од гума и производи од пластични маси и Производство на електрична опрема.

Според главните индустриски групи, производството во јули 2023 година, во однос на јули 2022 година, бележи пораст кај Капитални производи за 28.0 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 6.1 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 1.8 %, Трајни производи за широка потрошувачка за 18.9 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 13.8 %.