Првата од двете последни шанси за Македонија да се бори за некое од погорните места на табелата во групата „Ц“ не успеавме да ја искористиме. Без повредениот Никола Ѓорѓиев едноставно се растури концепцијата на играта и им дозволивме на Холанѓаните прилично лесно да го претворат секој од трите сета во своја полза. На моменти покажавме заби, шанса добие и оние помладите од клупата како Илиев и Костиќ, но Холандија не е селекција која може да се изненади толку лесно. Нашата последна шанса за третото место во групата е Чешка, со која утревечер ќе играме во 20 часот, но прашање е дали Ѓорѓиев ќе биде оспособен и за тој меч.


МАКЕДОНИЈА – ХОЛАНДИЈА     0:3 (19-25, 19-25, 16-25)


И покрај отсуството на Никола Ѓорѓиев, мечот го почнавме храбро. Не дозволивме Холандија да влезе во ритам, а ние со добар сервис на Љафтов стигнавме до предност на 5:4. Израмнетата битка и на двете страни продолжи и до 11:11. Потоа следува пад во нашата игра, серија од 3:0 за Холандија, која дојде до 11:14 и прв тајм-аут за Миленкоски. По паузата успеваме да се вратиме во игра и да дојдеме на минус еден за 15:16. Холандија со добар напад и блок, успеа повторно да се одлепи, сега на 15:19 па Миленкоски мораше повторно да понува 30 секунди одмор. За жал, на сервис на Абдел-Азиз, Холандија успеа да направи голема предност и да дојде на сет-топка со 18:24. Во вториот обид „лалињата“ дојдоа до 19:25 и поведоа со 0:1 во сетови.  Љафтов со 5 и Маџунков со 3 поени беа најдобри кај нас во првиот сет, додека кај Холандија доминираше Абдел-Азиз со 8 реализации.

Вториот сет го отворивме лошо. Слабо организиран напад, многу грешки на прием и стартна предност за „лалињата“ од 2:6. Со еден добар напад преку Илиев и силен смеч на Љафтов се приближивме на 5:7, но противникот брзо успеа да ја врати предноста и дојде до 6:11 што го натера Миленкоски да побара тајм-аут. Со троен блок успеавме да ја прекинеме серијата на противникот, но Холандија и натаму игра цврсто на блок и направи убедлива разлика од 8:14. Ние комплетно паднавме, Холандија само ја зголемуваше предноста и дојде до 20:11. Но,  тука започна сервис-шоуто на Александар Љафтов. Два сервис-аса, па уште еден поен од напад, па потоа уште еден ас-сервис за 16:20. Нашиот најдобар одбојкар денеска продолжи да го бомбардира полето на Холандија и не донесе на минус три за 17:20, по што Холандија успеа да ја прекине серијата со наш смеч во аут. По неколку разменети поени на двете страни, „лалињата“ дојдоа на сет-топка со 19:24 и со сервис-ас го освоија сетот за 0:2. Неверојатниот Љафтов сетот го заврши со нови 8 поени, додека Плак и Абдел-Азиз кај Холандија имаа по 4 реализации.

Холандија почна со серија од 0:3, па Лука Костиќ со својот прв поен во сетот успеа да ја прекине нивната низа. Противникот успеа повторно да направи голема разлика и на 3:7, Миленкоски повика тајм-аут. Не успеавме да се доближиме до предноста на противникот, кој успеваше да се одржи на 4-5 поени предност. Откако успеаја да се одлепат на 14:19, веќе беше јасно дека и овој сет ќе им припадне со поголема разлика. За наша среќа неколку добри напади и поени имаше Стојан Илиев, а добра минутажа доби и младиот Лука Костиќ кој исто така успеа да запише први поени. Во финишот како и на мечот со Полска, Миленкоски му даде шанса и на најмладиот во нашиот тим, 16-годишниот Тоше Ефремов.

Љафтов со 14 поени ги заслужи сите аплаузи во нашиот тим, додека одличен настап илаа и Маџунков и Илиев со по 5 поени. Кај Холандија очекувано доминираше коректорот Абдел-Азис со 15 поени, додека 7 реализации имаше Тер Мат.