Процесот на проширување на Европската унија треба да се забрза, изјави денес во Стразбур претседателот на Европската комисија Фон дер Лајен.
„Иднината на Украина е во нашата Унија. Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Иднината на Молдавија е во нашата Унија. И знам колку е важна европската перспектива за многу луѓе во Грузија“, рече таа на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.
Таа рече дека на блокот од 27 земји му се потребни реформи и ја поддржа ревизијата на Договорот за Унијата „ако и каде е потребно“ и рече дека не треба да се чека тоа да се случи за да се забрзаат европските интеграции.
„Унија која е подготвена за проширување може да се постигне побрзо“, а предуслов за тоа е да се одговори на практични прашања за тоа како Унијата со повеќе од 30 земји ќе функционира во пракса, нагласи Фон дер Лајен.
Србија и Црна Гора водат преговори, но прилично бавно, Северна Македонија и Албанија официјално ги отворија дури во 2022 година, Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина добија кандидатски статус минатата година, а Косово има потенцијален кандидатски статус.
Порака до младите пред европските избори
Германската политичарка, чиј мандат на чело на ЕК во првата половина од мандатот го одбележа пандемијата на корона вирусот, а потоа и војната во Украина, го одржа својот последен говор за состојбата на Унијата пред европските избори.
Фон дер Лајен имаше воведно обраќање до гласачите, особено до младите кои првпат ќе гласаат на европските избори во 2024 година.
„За помалку од 300 дена, Европејците ќе излезат на гласање во нашата единствена и извонредна демократија. Како и со сите други избори, ќе биде време луѓето да размислуваат за состојбата на нашата Унија и работата што ја вршат оние што ги претставуваат. Тоа ќе биде време да се одлучи каква иднина и каква Европа сакаат“, рече таа.
Првиот говор за состојбата на Унијата го одржа Жозе Мануел Баросо во 2013 година, традицијата ја продолжи Жан-Клод Јункер, а потоа и Фон дер Лејен.