Лидерот на ДУИ, Али Ахмети тврди дека во петокот Управата за јавни приходи ја влегла во компанијата на неговиот син. Тој тврди дека неговите деца работат согласно закон и дека не се поштедени од редовни контроли и инспекции.
-Еве конкретно вчера УЈП влезе во целосна контрола во компанијата на мојот син. Тоа е во ред. Нека проверат се што имаат и истовремено ги повикувам од УЈП, финансиската полиција, јавното обвинителство, сите нека проверат се што е спорно со компаниите на моите роднини, вели Ахмети во интервју за ТВ 21.
Сепак тој истакнува дека неговото семејство се соочува со сериозни напади и закани во последните години. Исто така тврди дека постои и, како што вели, нацистичка кампања против него и ДУИ.
-Се работи за добро смислена кампања против мене лично и против Демократската унија за интеграција. Дури можам да кажам дека се работи за нацистичка кампања затоа што сметаат дека ДУИ и Албанците ќе им ја земат државата и економијата, рекол Ахмети во интервјуто.
Тој обвинува дека има сериозни напади кон неговото семејство и дека со тоа се соочуваат последните неколку години.
-Моите деца факултет завршиле во Македонија, додека магистерски студии надвор од државата. Мојата ќерка Ускана сега е докторски студии во Виена, додека синот Шкумбин сега се занимава со бизнис тука во државата. Ме замоли, да не му пречам јас, но и да не бидам јас пречка за да тој може да го развие својот бизнис – вели Ахмети.