Ерменските сепаратисти во Нагорно-Карабах најавија прекин на огнот во спорниот кавкаски регион, почнувајќи од денеска (20.09) во 11 часот. Според информациите од ерменска страна, се работи за прекин на огнот договорен со посредство на руската мировна мисија. Ерменските сепаратисти соопштија и дека прифатиле преговори со Баку за интеграција на регионот, претежно населен со Ерменци, во соседен Азербејџан. Разговорите, како што се вели, треба да започнат во четврток (21.09).
Азербејџан претходно го гранатираше регионот Нагорно Карабах, при што биле погодени и цивилни инфраструктурни објекти, јави ерменската новинска агенција Арменпрес. Според наводи на ополномоштеникот за човекови права во Нагорно Карабах, Гегам Степанјан, во воената операција биле убиени над 30 луѓе и повредени повеќе од 200 лица.
Регионот Нагорно Карабах се наоѓа на територија на Азербејџан, а населен е претежно со Ерменци. Во 1990-тите, со поддршка од Ерменија, Нагорно Карабах се отцепи од Азербејџан. Во 2020 година на Азербејџан му успеа да поврати големи делови од регионот. Прекинот на огнот што тогаш беше постигнат е фрагилен и покрај надзорот од страна на руски трупи. Баку со месеци го блокираше единствениот приод на Нагорно Карабах до Ерменија. Според набљудувачите, хуманитарната ситуација во регионот е катастрофална.