Македонски железници се во катастрофална состојба, линиите за други држави одамна се минато, а по возот од Скопје за Кичево и Кочани, без никакво образложение вчера се укинаа и две линии од Скопје за Битола, пишува Телма.
Според нивни информации, причината е поради лошата состојба на дизел моторните гарнитури. Македонски железници транспорт е постојано на листата на должници, а со 15 милиони евра од државата ќе се враќаат долгови што тие ги имаат кон ЕСМ.
Со толку средства, Србија направи нова железничка станица во Белград, а сега од таму властите во земјава чекаат и донација на вагони, пишува Телма.
Годишно во македонски железници од државниот буџет се дотураат меѓу 12 до 15 милиони евра за железницата да преживее. Законот за либерализација на железничкиот транспорт е заглавен на Комисија во Собранието. Патувањето, возниот ред и условите на возовите прават патувањето со воз во земјава да биде една голема неизвесност.
Од пред 6 месеци воз не оди ниту за Куманово.
Инаку, од среда се редуцира возниот ред за Битола. Возови од Скопје кон Битола и обратно ќе сообраќаат само еднаш дневно. Од 25 октомври се укинуваат по два воза дневно. За патниците од среда ќе има само воз од Скопје за Битола во 14 часот и 30 минути. Повратниот воз од Битола за Скопје е во 3 часот и 13 минути.