„Разбирам дека Ковачевски велат никој не го слуша во владата, зошто ниту министрите, ниту вицепремиерите, а ниту кај него во партија му имаат почит. Затоа човекот е оддаден на шетање по светот, ручеци по компании и закуски, но мора да се договори датум за редовни избори. Нека земе бел лист хартија нека напише било кој датум сака помеѓу двата најголеми верски празници идната пролет и да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок“, изјави Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обраќајќи се на денешниот настан по повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба и 130 години ВМРО, насловен „Традиција која обврзува за иднина која доаѓа“.

Тој потенцираше дека ќе доживеат жесток пораз и тежок дебакл од народот.

„Народот треба масовно во огромен број да им ја прати пораката на овие избори – нема играње со народот. Народот е посилен од секоја тесна клика и елита која си игра со судбината и ја одзема иднината. Доаѓаат промени“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека јасно е дека паѓаат. Тие може да водат само на анкета напишана во штабот на СДС инаку каква е вистината тие се под својот минимум како структура. Немаат никаква поддршка, а членството им е разочарано.

„Но и кога се поразени тие дополнително се валкаат и во срамот уште повеќе заглибуваат. Оваа влада преку одбегнување да се договори датум за избори оди кон свесно предизвикување на уставна и политичка криза. Срамота е што преку медиуми се договаравме и лиферуаваме датуми за редовни избори“, заклучи Мицкоски.