Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека неговата влада ќе и обезбеди на Газа дополнителна хуманитарна помош во износ од 20 милиони британски фунти.
– Треба да обезбедиме постојан проток на хуманитарна помош и да доставуваме вода, храна, лекови и гориво, рече Сунак на седницата на британскиот парламент.
– Ослободуваме дополнителни 20 милиони фунти хуманитарна помош за цивилите во Газа, што е повеќе од двојно повеќе од нашиот претходен пакет, додаде тој.
Сунак, исто така, им кажа на британските пратеници дека експлозијата во болницата Ахли Арап во Газа најверојатно била предизвикана од ракета истрелана од палестинската енклава, а не од Израел.
Британската влада процени дека експлозијата најверојатно била предизвикана од ракета или остатоци од ракета истрелана од Појасот Газа кон Израел, рече тој. – Погрешното претставување на овој инцидент имаше негативен ефект врз регионот, вклучително и виталните дипломатски напори на САД, и предизвика тензии овде дома, нагласи Сунак.
Наодите на Лондон се совпаѓаат со оние на САД, Франција и Канада.
Палестинските власти соопштија дека 471 лице загинало во експлозијата што во вторникот ја потресе болницата Ахли Араб. Министерството за здравство во Појасот Газа го обвини Израел за нападот, а израелската армија соопшти дека експлозијата била предизвикана од неуспешно лансирање ракета од страна на палестинските борци.