„Фокус“ обезбеди нови фотографии од пукачот кој вчера попладне го рани Раде Трајковски – Штекли и неговиот соработник со прекар Колумбо во трговскиот центар „Ист гејт“.
Според фотографиите до кои дојдовме, лицето лабаво седи во кладилница во трговскиот центар и воопшто не се крие.
Непосредно по пукањето на социјалните мрежи излезе снимка од безбедносните камери каде се гледа моментот на нападот. Штекли и Колумбо се спуштаат по елеваторот надолу кон гаражите, а лицето што стрела кон нив одозгора.
Во моментот на пукањето трговскиот центар бил полн со случајни посетители кои лесно можеа да станат мета на напаѓачот со оглед на тоа што имаше луѓе и на неколку метри од ранетите.
На сликите и видеата се гледа дека младиот напаѓач е облечен во бел дуксер, а пиштолот го носи во џебот. На главата има бејзбол капче и безжични слушалки.
По објавувањето на видеото, полицијата објави фотографија којашто беше доста матна и ги повика граѓаните доколку имаат корисна информација на лицето на фотографијата да пријават.
Со оглед на тоа што фотографијата беше матна почнаа да се појавуваат теории дека лицето носело маска на себе, се објавуваат фотографии од други лица, кои според наши информации немаат врска со пукачот и ја носат истрагата во погрешен правец.
МВР работи на идентификување на лицето и негова пронаоѓање. Двајцата ранети, со прострелни рани се префрлени во болница каде се оперирани и според информациите од болниците двајцата се наоѓаат во живототзагрозувачка состојба, но се стабилни.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска рече дека се работи за мафијашка пресметка меѓу банди кои некој ги созфдавал 30 години, иако пред извесно време изјави дека ги разбиле криминалните банди.
Кон крајот на август Штекли беше мета на напад на истото место, во истиот трговски центар, но тогаш остана неповреден.
За битката меѓу криминалното подземје, неделникот „Фокус“ објави серија текстови за почетокот и текот на прегрупирањето на криминалните скопски банди.