„Судскиот совет на Република Северна Македонија, нема намера со никого да „војува“, а најмалку со ресорниот министер за правда, Кренар Лога. Ваквата реакција на Судскиот совет доаѓа по повод вчерашните настапи на министерот Лога,а особено по синоќешното негово телевизиско интервју, во кое тој изјави дека е во “отворена војна“ со Судскиот совет“, велат од ова највисоко судско тело, пренесе Скопје1.
„Членовите на Судскиот совет потенцираат дека министерот, кој по функција е член на Советот, секогаш е добродојден на седниците на ова тело, каде може отворено да се дискутира за сите отворени на прашања и проблеми во судството. Впрочем, од страна на службите на Судскиот совет редовно му се испраќаат материјали за секоја седница.
Советот потенцира дека ги прифаќа сите добронамерни критики на своја сметка и на адреса на судството, но не може да дозволи министерот за правда да излегува од своите надлежности и да кажува како треба и што да работи Советот.
Судскиот совет функционира во согласност со своите законски надлежности и секој обид за директно мешање во неговата работа, ќе се толкува како „упад“ и притисок на претставник на извршната врз судската власт“, велат од Судски совет.