Експертите советуваат дека е неопходна пообемна енергетска мрежа за поголема употреба на фотоволтаиците во енергетскиот сектор во Македонија. Минатогодишните високи цени на струјата на светските берзи натераа многу компании и домаќинства да инсталираат фотоволтаици на своите згради за да ги намалат сметките за струја.
И сега експертите советуваат дека овој вид на инвестиција е повеќе од потребна пред почетокот на зимата. Зоран Митрески, сопственик на компанија која се занимава со поставување фотоволтаични панели, предлага државата да ги поедностави процедурите за нивно поставување, особено за малите потрошувачи. Митрески ја истакна важноста од пообемна енергетска мрежа за поголема употреба на фотоволтаиците во Македонија.
И покрај потенцијалот на земјата да биде лидер во регионот за обновливи извори на енергија, има мала експлоатација. Надградбата на енергетската мрежа е неопходна за да се донесат повеќе инвестиции. Во моментов во Македонија има локации каде што нема доволно капацитети во енергетската мрежа за поврзување на овие системи. Регулаторната комисија за енергетика во последните 20 месеци издаде 620 лиценци за производство на електрична енергија од фотоволтаици.
„Ние сме далеку од тоа искористување. Ние со години и децении увезуваме 30%-40% енергија. Сега имаме револуционерен период, каде сето тоа можеме да го промениме во наша корист и да бидеме извозници на енергија. Македонија е лоцирана на перфектна локација за производство на било која енергија од овие системи. Сега сме никаде. Ако гледате анализа на оние светски статистики, ние воопшто и не постоиме“, укажува Митрески.
Експертите предвидуваат до крајот на годинава да има околу 600 мегавати нови фотонапонски централи, со што ќе се намали увозната зависност на земјата. Во Битола започна со работа најголемата фотоволтаична централа на Балканот која ги задоволува годишните потреби на 30.000 семејства за струја.