Синдикалната организација на „Еуроникел индустри“ изрази загриженост за иднината на компанијата и побара средба со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и други надлежни институции.

Синдикатот кој претставува 800 вработени бара поддршка за да се најде решение за продолжување на функционирањето на компанијата. Се бараат средби и со најголемата банка доверител и со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и со пратениците од оваа општина за да се бараат можни нови инвеститори за преземање на компанијата. Но, доколку не се добие поддршка од институциите, СО на „Еуроникел индустри“ заедно со своите вработени ќе бидат принудени да преземат акција преку протести и блокади како мерки за борба за функционирање на компанијата и обезбедување на нивната егзистенција.

Претходно синдикатот испрати писмо до директорот и управниот одбор на ГСОЛ во кое бара да се продолжи со производството во фабриката во Кавадарци, бидејќи печката само се грее, но не и произведува, а голема е нервозата кај вработените за судбината на колективот.

Извор: Фактор