На денот на предвреме родените бебиња директорката на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, апелира под итно да се одобрат вработувања, особено за одделот за предвреме родните. Таа и министерот за здравство, Фатмир Меџити, се пофалија со рекордно ниски бројки на смртност кај предвреме родените. Од 74 отсто во 2017 година, годинава смртноста кај предвреме родените бебиња е сведена на 5,6 отсто, што директорката Јованоска рече дека е извојувано со макотрпна борба, но нагласи дека најбргу што може им е неопходно одобрување нови вработувања оти секојдневно си заминуваат и сестри и лекари од тој оддел, објави Макфакс.
„Работиме со многу мал број вработени. Нам итно ни требаат доктори и медицински сестри, кои секојдневно го напуштаат одделението затоа што се соочуваат со огромен предизвик, меѓутоа и со многу тешка задача. Тоа е 24-часовно работно време, без можност за одмор. Вработените, особено докторите на овој оддел, немаат можност, дури ни да го искористат правото на годишен одмор поради тоа што обврските секогаш ги тераат да бидат присутни тука. За да ги постигнеме овие бројки, им должиме на овие вработени, кои, верувајте, макотрпно ја извојуваа оваа победа. Последниот месец потпишав три отказни решенија на сестри што не можеа да го издржат овој предизвик. Таа работа е исклучително тешка. Борбата за живот на деца од 500 и 600 грама е огромна одговорност за вработените. Тие се под силен притисок и од мене и од целокупното раководство, секако и од нивната морална одговорност. Не може да се соочат со овие предизвици и си одат“, рече директорката Јовановска.
Додека министерот Меџити спокојно седеше до неа, директорката Јовановска апелира не само до него туку и до сите други надлежни што е можно побргу да се одобрат вработувања за да може побргу и да се реализираат.