Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ќе отпатува за Сараево како прва станица од неговата турнеја низ четири земји од Западен Балкан. Тој во вторник попладне ќе пристигне во Скопје, каде ќе се сретне со највисоките претставници на властите во земјата и со членовите на Алијансата од регионот.
Како што соопшти НАТО, турнејата на Столтенберг ќе започне со работна вечера со Претседателството на Босна и Херцеговина, а потоа ќе има средби со Кристијан Шмит, главниот меѓународен претставник за БиХ и Борјана Кристо, претседавач со Советот на министри. Во седиштето на НАТО во Сараево, Столтенберг по овие разговори ќе се сретне со воените водачи на БиХ и претставници на меѓународната заедница.
Од Сараево, првиот претставник на Алијансата утре попладне во Приштина ќе се сретне со косовскиот претседател и премиер Вјоса Османи и Албин Курти.
Тој потоа ќе ја посети командата на силите на НАТО во Косово за да се сретне со командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ и директорот на Алијансата на советодавниот тим за врски, бригадниот генерал Кристијан Лудвиг фон Хамерштајн, како и со војниците во мисијата.
Столтенберг во вторник наутро во Белград ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ и ќе гледа како српските научници ја демонстрираат својата технологија за мировните и безбедносните проекти на НАТО.
Генералниот секретар на НАТО попладне ќе отпатува од Белград за Скопје на средби со шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците.
Ковачевски и Столтенберг во среда наутро во Скопје ќе се сретнат со регионалните лидери на НАТО – хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, албанскиот премиер Еди Рама, словенечкиот премиер Роберт Голоб и црногорскиот премиер Милојко Спајиќ.