Незаконски изнесените икони од македонски цркви, кои беа вратени на македонската делегација во Тирана, Албанија, денеска  се поставени на изложба во Музејот на Македонија.

Вкупно 20 икони, претходно украдени од цркви во струшкиот регион, беа вратени денеска по договорот за соработка потпишан минатата година меѓу двете држави.

На отворањето на изложбата во Музејот на Македонија присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и членот на МАНУ Сашо Цветковски, кој ги препозна иконите.

-Во меѓусебна соработка меѓу надлежните органи на двете земји се разменија информации и сознанија кои потврдија дека 20-те икони не се со потекло од Република Албанија и постојат индиции дека истите се нелегално изнесени од Македонија. Се идентификуваа иконите, црквите и манастирите во Македонија од кои иконите се незаконски изнесени. Оваа постапка е успех, но и опомена дека треба да вложиме напори безбедносно да го заштитиме културното наследство со цел истото да не биде предмет на кражби и да биде незаконски изнесено од државата – изјави министерката Костадиновска Стојчевска.

Тие пред 10 години биле идентификувани од историчарот на уметност Сашо Цветковски од МАНУ, и неговиот прв печаток тогаш бил фрапантен.