Најмалку 55 лица беа приведени од страна на израелските сили на окупираниот Западен Брег во рации во текот на ноќта, објави Ал Џезира, повикувајќи се на Комисијата за притвореници и поранешни затвореници и Здружението на палестинските затвореници на 26 декември.
Акциите се случија на окупираниот Западен Брег, вклучително и Наблус, Тубас и Тулкарем, соопштија групите за правата на затворениците.
Вкупниот број на апсења извршени од страна на израелските сили од 7 октомври е 4.785, не вклучувајќи ги и уапсените од израелските сили во Појасот Газа.
Минатиот четврток, израелските сили уапсија 25 Палестинци на Западниот Брег, со што нивниот вкупен број достигна 4.655, според групите за прашања на затворениците.
„Апсењата беа обележани со малтретирање, тешки тепања и закани кон затворениците и нивните семејства, заедно со акти на саботажа и уништување на палестински домови“, се вели во заедничката изјава на Комисијата за прашања на притвореници и поранешни затвореници и Здружението на палестинските затвореници. Овие апсења беа извршени во градовите Наблус, Тулкарм, Рамала и Хеброн.
Тензиите се зголемуваат на Западниот Брег поради воената офанзива на Израел во Појасот Газа по нападот на исламистичката група Хамас на 7 октомври. Најмалку 302 Палестинци се убиени, а повеќе од 3.100 други се повредени на окупираната територија од тогаш, според палестинските власти. Повторно, според нив, бројот на жртвите во Газа заклучно со 26 декември е близу 21.000. Денеска израелската армија објави краткотрајно прекинување на воените активности за хуманитарни цели во две населби во Деир ел Балах во централниот дел на Газа. .