На денешната седница на Советот на јавните обвинители се даваше мислење за пријавените кандидати за огласот за јавен обвинител на Република Северна Македонија, пренесува Макфакс.
На огласот беа пријавени тројца кандидати, Фатиме Фетаи, Љупчо Коцевски и Лидија Раичевиќ. Како што изјави претседателката на Советот на јавните обвинители, Душица Димитриеска, на Фетаи ѝ недостигал дел од документацијата. Кандидатот не доставил потврда за деловна способност.
„Советот на јавните обвинители донесе едногласно позитивно мислење за Љупчо Коцевски. Се работи за кандидат што има долгогодишно искуство, стручно и со успех ја извршува јавнообвинителската функција. Се работи за кандидат што има интегритет, поседува углед и етичност во извршувањето на функцијата, негува добри меѓучовечки односни, лично се ангажира на стручно усовршување, поседува и организаторски способности за извршување на функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија“, изјави претседателката на Советот на јавните обвинители, Душица Димитриеска.
За кандидатот Лидија Раичевиќ, Советот на јавните обвинители даде негативно мислење.