Народниот правобранител Насер Зибери на денешната прес-конференција рече дека имало повредување на правата на граѓаните што не можеле да извадат лична карта и државјанство.
Според него, прашањето има две димензии.
„Првата е неможноста во дадениот законски рок сите граѓани да ги сменат личните исправи за што се создаде голема редица во просториите во кои се издаваат, а за што МВР беше принудено да отвори дополнителни пунктови. За жал, тој процес тешко се одвива и Министерството тешко дека ќе стигне навреме да ги задоволи сите барања“, рече Зибери.
Според народниот правобранител, втората димензија е трошокот за издавање овие исправи.
Тој вели дека укажал на неколку наврати дека трошоците треба да ги сноси државата кога граѓаните поднеле барање за нови исправи, а им биле издадени со стариот образец по стапување во сила на измените на Уставот.
„За обновување на овие исправи за сите граѓани што поднеле барање за издавање нови исправи, а им се издадени исправи со стариот образец, со името Република Македонија, по стапувањето во сила на измените на Уставот, требаше да ги сноси државата бидејќи не по нивна вина овие исправи иако се важечки и валидни стануваат неважечки од 24 февруари 2024“, додаде Зибери.