На неопределено време гласи забраната на Албанија за увоз на свињи, месо и нивни производи од македонска територија. Оваа оддлука ја донело албанското Министерство за земјоделство и рурален развој јавува албанскиот медиум, Ора Њуз, а пренесе Радио Слободна Европа.
Според објавата, причината за новата забрана е во тоа што во земјава се откриени случаи на заразено свинско месо со болеста „африканска чума“.
Сепак, според одлуката на албанските власти доколку со сертификати се докаже дека свињите или нивното месо и производи од свинско месо, не се заразени, тогаш ќе биде дозволен нивен увоз.
Во петокот од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдија дека во Кумановско повторно е регистрирана болеста африканска чума кај свињи.
„Во одгледувалиште во село Тромеѓа во лабораториските наоди од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје е потврдено присуство на болеста африканска чума кај свињите“, се вели во нивното соопштение.