Како прв и најважен услов ДУИ бараат идниот претседател да биде Албанец мислејќи на Бујар Османи, кандидат од редовите на нивната партија. Од албанскиот политички корпус директен противник на Османи ќе биде кандидатот на албанската опозиција и актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.
Ова се деветте претседателски кандидати кои ќе трчаат по столчето на Вила Водно
„Време да имаме и Албанец претседател“
Најгласен во своите намери за претседател Албанец е пратеникот од ДУИ, Арбр Адеми кој кажа дека време било „да се отвори патот за прв претседател Албанец“.
На неговата прес-конференција која се одржа пред претседателската вила на Водно Адеми нагласува дека откако Албанците стигнале да имаат прв премиер, вицепремиер, министер за надворешни и одбрана, претседатели по судови сега било време да имаат и претседател.
„По првиот премиер Албанец, првиот вицепремиер, министер за надворешни работи, тој за одбрана и за внатрешни работи, државните правобранители и Народниот правобранител, претседателите на Уставниот, Врховниот и Управниот Суд, претседателите на фудбалската, боречката и боксерската федерација, дојде време да го отвориме патот и претседателот на државата да биде Албанец“, кажа Адеми.
Започна собирањето потписи за кандидатурата на Бујар Османи
Со прес-конференцијата од утрово на Адеми и со предизборната националистички реторика беше одбележан почетокот на собирање 10.000 потписи за претседателската кандидатура на Бујар Османи. Тој моментално е на функција министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, но неговите апетити растат и следна цел му е да се всели на Вила Водно.
ДУИ бара претседателот да се бира во Собранието
Тој го повтори вчерашниот став на лидерот на ДУИ Али Ахмети претседателот место на непосредни избори да се бира во Собранието со двотретинско и со Бадинтерово мнозинство.
„Сржта на идејата на лидерот Али Ахмети е изборот на Претседателот на државата во Собрание со двотретинско мнозинство на гласови и со Бадинтер, за да се обезбеди општествен, натпартиски консензус за да се овозможи со над 80 гласови во Собранието и со етнички консензус да се спречи етничко надгласување и наметнување само од двете поголеми македонски политички партии“, вели Адеми, а пренесува СДК.
„Бујар Османи кандидат на сите граѓани, не само на Албанците“
Можеби малку нелогично и парадоксално, но на новинарското прашање „дали ДУИ очекува за Османи да добие гласови и од неалбански средини, како на пример во едно Пехчево во источниот дел на Македонија“, Адеми рече дека очекува поддршка од сите граѓани.
-Секако дека очекуваме. Кандидатот д-р Бујар Османи во моментов се наоѓа во Обединетите нации каде ги застапува интересите на државата и ги претставува сите граѓани без оглед на нивниот етнички, културен, социјален, образовен бекградунд. Така што, и како претседател на државата бараме поддршка на Албанците и сите граѓани. Секако дека ќе имаме контакти и комуникација со сите граѓани, рече Адеми, а пренесе А1он.
Три клучни услови на ДУИ
Али Ахмети во текот на вчерашниот ден преку прес-конференција соопшти дека неговата партија ДУИ ќе бара: уставни измени за промена на начинот на избор на претседател, внесување на Бугарите во Уставот и отстранување на конструкција „20 отсто“ и истата да биде заменета со „албанска“. Ахмети рече дека тоа ќе им биде услов за коалицирање во новата влада.
Се премисли Али Ахмети
Пред само еден месец во изјава за косовските медиуми Али Ахмети велеше дека е рано за претседател Албанец, а сега само еден месец подоцна веќе го кандидираше Бујар Османи за претседателски кандидат. Прашањето кое се отвора за пошироката јавност е: Дали Стево Пендаровски го налути ДУИ со непотпишувањето указ за Законот за игри на среќа.