Еден од најголемите предизвици во земјата е задржувањето на младите кадри и нивната мотивација да стапат на пазарот на трудот.
АХК Македонија е дел од мрежата на 150 германски комори во 93 земји во светот и веќе 24 години ги следи потребите и предизвиците со кои се соочува стопанството во земјата.
Еден од клучните предизвици во изминативе години како за германските, така и за локалните компании е обезбедувањето на стручни кадри.
„Како АХК Македонија заедно со германските инвеститори уште пред 7 години направивме долгорочна анализа на предизвиците со кои тие може да се соочат во иднината и дојдовме до заклучок дека во земјата има потреба од воведување на дуално образование за обезбедување на стручни кадри.
Успеавме во нашите намери и активно ја водиме програмата за дуално стручно образование по германски стандарди во седум градови, која повеќе од неколку децении е докажана како успешен модел во Германија“- вели Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија.
15 компании се партнери на АХК Македонија во програмата за дуално стручно образование по германски терк. Еден од нив е германската инвестиција Маркарт Македонија, која успешно ја гради својата приказна една деценија во Велес.
Компанијата произведува ултра модерни компоненти за врвни брендови на автомобили, производството е на највисоко технолошко ниво и во голема мера роботизирано. Целата фабрика и административна зграда се направени по сите највисоки стандарди, оваа германска инвестиција е одличен пример дека и во Северна Македонија може да се работи на атрактивни работни позиции.
„Среќни сме дека денес сме тука и дека може на јавноста, а пред се на младите кои се подготвуваат за пазарот на трудот, но и на нивните родители да им ја пренесеме пораката дека и дома може да се работи по германски стандарди, условите за работа се како во компаниите во Германија, каде има грижа за вработените, и притоа тие имаат можност да градат кариера и да напредуваат.
Знам дека многу млади луѓе во Северна Македонија сонуваат да одат во Германија , без да имаат реална слика за тоа што ги очекува таму и без воопшто да му дадат шанса на македонскиот пазар на труд или воопшто да истражат какви атрактивни можности за професионален развој можат да најдат во својата земја, одличен пример за добри работодавачи се германските инвеститори, еден од нив е и компанијата Маркарт Македонија.
Скоро една година сум во земјата и посетив голем број на германски инвестиции, но и локални компании и она што го видов кај нив е дека навистина се трудат да им овозможат подобри услови на вработените. Сметам дека овој тренд со се поголемиот број на инвестиции и во иднина ќе расте.
Искрено се заблагодарувам на компанијата Маркарт Македонија која денес беше наш домаќин и ги отвори своите врати за јавноста.
Понекогаш Германија е поблиску отколку што мислиме“ – вели Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, Албанија и Косово.