Лидерот на СДСМ и носител во ИЕ2, Димитар Ковачевски смета дека Обвинителството треба да работи согласно закон, за секој поединец во државата да може да има фер процес да ги докаже случувањата. Ваквиот негов став следува откако беше запрашан за реакција откако двајца функционери и членови на партијата беа обвинети за злоупотреба на службена положба.

Партија не води судски случаи, туку Обвинителство и судството. Едниот веќе не е директор, додека вториот после 8-ми мај нема да биде директор, без разлика дали јас сум премиер или не, со оглед на тоа што доколку граѓаните се определат да дадат доверба на СДСМ и коалицијата да формира влада, ќе имаме нови кадри кои ќе управуваат со функциите, кажа претседателот на СДСМ по средбата со Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).

На новинарско прашање дали Каевски останува на кандидатската листа за пратеници, Ковачевски одговори: „Имате достапно на сајтот и можете да проверите“.

Наумче Мојсоски, актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, портпарол на СДСМ и претходен директор на агенцијата и Даниел Димевски, првиот човек на Македонскиот олимписки комитет се на листата од 12 лица за кои денеска е поднесен обвинителен акт во врска со доделувањето на т.н спортски ваучери. Обвинителството им изрече мерки за претпазливост.

 

Тројцата сметаат дека постапката е тенденциозна и дека претставува политичка хајка.