Откако претседателот на Левица Димитар Апасиев ова утро преку Канал 77 ги повика своите поддржувачи да не гласаат за Гордана Силјановска Давкова, што е своевидна поддршка за Стево Пендаровски, на твитер се огласи познатиот скопски адвокат Александар Михајловски.
-Апасиев овие избори е целосно разобличен. Дечкото е нестабилен, вообразен, болно љубоморен, и скриен тиранин. Искрено жалам за многу избирачи што наседнаа на неговата воинствена реторика. Тој во омразата кон ВМРО, дејствува директно на раслојување на опозициските гласови и со тоа на ослабнување на македонската позиција во идната влада. Неговите 30-40000 гласови може ќе бидат пресудни ВМРО да нема 61 пратеник. Апасиев е Тројанскиот коњ. – напиша Михајловски на Твитер.
Претходно Апасиев за Канал 77 рече дека неговата партија овојпат нема да ја поддржи Силјановска.
-Ако се сеќавате, еднаш се изгоревме со поддршка на професорката Силјановска и вторпат нема таа грешка да ја направиме. Само што ја поддржавме, тоа по моја проценка беше контингент од речиси 30 – 40 илјада гласа, кои што нè послушаа и ако се сеќавате Силјановска во вториот круг доби 60 000 гласа повеќе, Левица тогаш немаше сопствен кандидат и веднаш после тоа благодарноста од ДПМНЕ стигна, со тоа што мене ми забранија да гостувам во нивната партиска телевизија и веќе петта година не ми пренесуваат изјава“,кажа Апасиев при денешното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Ова писание на Апасиев доаѓа откако кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, која во првиот круг освои за 10.000 гласови помалку од последните избори на партијата, во серија ја напаѓа Гордана Силјановска Давкова и го поддржува Стево Пендаровски.
Во однос на кандидатот поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, Апасиев смета дека на него му е сеедно дали ќе победи на претседателските избори, оти веќе му следува претседателска пензија.
Апасиев кажа и цени дека цензусот за претседателските избори ќе биде обезбеден, додека за евентуалните владини коалиции по парламентарните избори, вели дека рано е да е прогнозира. Тој не ја одби можноста Левица да коалицира со СДСМ и ДУИ.