Сите готовински трансакции на целата територија во Косово ќе мора да се вршат во евра, откако завчера заврши преодниот рок на Централната банка на Косово (ЦБК) во однос на користењето на динарите.
Косовскиот вицепремиер Бесник Бислими уште пред неколку месеци најави ќе почне примената на регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК) за готовинските плаќања, но дека нема да има казнени мерки, туку ќе има информирање на граѓаните за мерките.
– Еврото беше и ќе биде единствената официјална валута, посочи Бислими, изразувајќи ја својата поддршка за регулирањето на ЦБК.
Според него, новата регулатива на ЦБК има за цел да ги заштити финансискиот интегритет, потрошувачите и платниот систем.
– Српскиот динар со оваа одлука не е исфрлен од употреба, бидејќи не е официјална валута во Косово од 1999 година, посочи Беслими.
Тој додаде дека Владата побарала од раководството на ЦБК да воспостави линија за комуникација со Банката на Србија за да се изнајдат соодветни механизми за средствата кои доаѓаат од Србија.