ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ на чекор до нова влада
Сѐ поблиску новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ. Во текот на вчерашниот ден во 14 часот во просториите на ВМРО-ДПМНЕ се сретнале работните групи на двете коалиции.
Постулати за соработка
Постулатите за идна соработка се: Евроинтеграции, раст на економија и владеење на правото. Сѐ уште не се разговара за поделба на ресори и распределба на директорски места. Досега на лидерски средби се разговараше единствено за општите начела на соработка меѓу коалициите, а во следните денови се очекува овие работи да се конкретизираат.
Дали ЗНАМ ќе биде дел од новата влада?
Мицкоски најави дека коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе има 61 пратеник и дека во преговорите влегуваат со мнозинство. Неизвесно е дали во коалицијата ќе влезе и Максим Димитриевски и движењето ЗНАМ.
Поднесена тужба од коалицијата „Вреди“
До Управниот суд синоќа била поднесена тужба од коалицијата „Вреди“ за резултатите од парламентарните избори, против одлуката на Државната изборна комисија. Оформен е предмет, се преземаат сите процесни дејствија, согласно роковите определени во Изборниот законик, информираат од Управен. И од Демократската унија за интеграција велат дека доставиле тужби до Управниот суд по усвоените 7 приговори од Државната изборна комисија, шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица.
Евентуално прегласување во изборна единица 5 и 6
Од „Вреди“ сметаат дека прифаќањето на приговорите во петката и шестката е потврда на изборните манипулации на Европскиот фронт, предводен од ДУИ. Од таму пак возвраќаат дека тоа значело оспорување на нивниот легитимитет и волјата на гласачите. Од ДУИ најавија и пријави против членовите на ДИК.
Прегласување на 22 мај
Дали ќе има прегласување на 22-ри мај ќе зависи од одлуките на Управниот суд и од симулацијата на Државната изборна комисија дали може да влијае на освоените пратенички мандати. Според информациите, ако има гласање на 7-те избирачки места, теоретски е можно ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и ЛДП, партнер на СДСМ да добијат уште по еден пратеник, а ДУИ да загуби два. Управниот суд има 48 часа за да одлучи по приговорите. Решението е конечно. Како и во случајот со претседателските избори. Од Државната изборна комисија велат дека конечните, официјални резултати ќе ги соопштат веднаш или најдоцна за 24 часа по завршување на целата процедура.