Зајкова шпекулациите ги опишува како „нарачка од партиски ботови“
Деновиве честопати се говореше за Моника Зајкова од ЛДП која практично беше една од клучните личности на СДСМ и Колаицијата бидејќи беше коносител во Изборната единица 1. Таа вели дека некои работеле против нивната партија, а истите повторно им правеле притисок. Сепак таа вели дека шпекулациите се нарачки од „партиски ботови“, а вели дека во фокусот им е прегласувањето на ИЕ5.
Нашата цел и насоченост во моментот е прегласувањето во ИЕ 5 каде има 3521 избирач. Големи шанси за мандат има и кандидатот од ЛДП, доколку неговата коалиција освои 110 гласови повеќе од сегашниот резултат, тогаш пратеник би станал Боби Мојсоски, а би отпаднал Исмаил Јахоски од ДУИ. Затоа и повикувам да се воздржат од шпекулации и во среда да се гласа за број 1, вели претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.
НСДП останува во опозиција
Од НСДП категорично ги отфрлаат шпекулациите дека нивни пратеници се меѓу оние 61 за кои зборуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Пратеникот Мисовски за МТВ рече дека останува во опозиција.
„Ниту јас, ниту мојата сопартијка Соња Мираковска, не сме меѓу оние три пратеници кои според наводите на Мицковски преминале кај нив. Ние остануваме во опозиција. Како ќе делуваме понатаму, дали како независни или со други пратенички групи, тоа е сосема друга работа“, изјави за МТВ Мисовски.
Ибрахим од партијата на Турците потенцијално во коалицијата „Твоја Македонија“
Претходно, уште во екот на кампањата, Енес Ибрахим претседател на Партијата за движење на Турците и кандидат за пратеник на „Коалиција за европска иднина“ во ИЕ5, посочи дека Турците, кандидати за пратеници, кои се во коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ) во рамките на „Европскиот фронт“, не делат заеднички вредности, па по изборите ќе ја напуштат оваа коалиција. Дали тоа се пратениците кои ќе ја направат бројката од 61, сè уште никој не сака да потврди од посочените пратеници.
Коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН
ВМРО-ДПМНЕ обезбедија убедлива победа на изборите на 8 мај, а иден мандатар е Христијан Мицкоски. Извесно е дека партијата ќе има влада заедно со албанската коалиција ВРЕДИ (Влен) и тие ќе бидат владејачко мнозинство кое би имало најмалку 71 мандат. Доколку во оваа коалиција влезе и Максим Димитриевски, а како дел од партијата ќе бидат и останатите пратеници кои вчера ги најави Мицкоски дека се обезбедени веројатно партијата ќе биде блиску до двотретинско мнозинство.
Молк од СДСМ и Ковачевски
Засега ни трага на глас од се уште актуелниот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. На неговиот Фејсбук профил нема никакви објави, а него го нема ниту во јавноста. Засега јасно е дека партијата оди на конгрес, но не се знаат деталите кој ќе претендира за иден лидер на оваа партија и дали Ковачевски ќе се бори да го задржи столчето како прв човек на социјалдемократите.