Двојно убиство во Кратово
Двојното убиство во малата општина во североистокот, Кратово сѐ уште е во центарот на вниманието. Семејството веќе ѝ било познато на полицијата.
Триесет и шестгодишна кратовчанка си го убила сопругот и неговиот татко. Настанот се случил завчера синоќа во семејната куќа, по расправија. Според информациите од полицијата жената со остар предмет ги нападнала двете лица, кои од здобиените повреди починале. Жената е приведена и задржана во полициска станица.
Во неколку наврати пријавувала во полиција, но залудно
Жената во неколку наврати пријавувала напади од различни членови на семејството. Во 2019-та сопругот добил кривична за загрозување на сигурноста. Од ОЈО Куманово излегоа со соопштение каде целосно го расчистуваат случајот.
При вршење семејно насилство на 13 јуни, осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот. По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на лице место. По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка и определи 30-дневен притвор на осомничената“, велат од Основното јавно обвинителство.
Кратовчани возменирени
Жителите на Кратово вознемирени од настанов. За МРТ велат не помнат дека во нивниот мирен град се случил ваков настан. И тие потврдуваат дека семејството имало расправии.
Семејството има две малолетни деца, но не е познато дали за време на настанот биле во домот. Јавен обвинител изврши увид на местото на настанот. Телата на починатите се предадени на обдукција.