Скопјани исплашени од зголеменото присуство на змиите во населените места, но и револтирани од недоволната грижа на надлежните. Пријавите во ЦУК се сè почести. Од ЦУК велат дека не се изненадени, речиси секоја година има граѓани кои се жалат, но се менува месецот кога се појавуваат влекачите во поголем број. Од таму најавија координативна средба за наредната недела за да се најде институционално решение.

Граѓаните кога ќе забележат змии да не ги задеваат бидејќи тие нема да нападнат доколку не се загрозени, апелираат докторите. Но, ако дојде до каснување, веднаш да побараат медицинска помош. Објаснуваат дека зголемената појава на влекачи е поради масовната непланирана урбанизација која ги уништува нивните природни живеалишта и во населените места бараат храна и засолниште.

Директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана за Македонската телевизија вели дека досега нема пациенти каснати од змија, но клиниката има доволно противотров. За појавата на змии, од Град Скопје велат дека не се надлежни за решавање на проблемот. Тоа според нив, е во надлежност на општините.

Извор: МРТ