Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во Москва, само неколку дена по неговото прво патување во Украина од почетокот на руската сеопфатна војна, соопштија за медиумите од прес-службата на Орбан, пренесува „Киев индипендент“.
„Раша тудеј“ објави дека за војната со Украина ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин. Орбан кратко се огласи на социјалната мрежа Х.
„Мировната мисија продолжува. Втора станица: Москва“, рече тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека разговорите меѓу Орбан и Путин ќе се водат во Кремљ и дека една од темите ќе биде Украина.
По пристигнувањето на Орбан во Москва, зборуваше и полскиот премиер, Доналд Туск.
„Ќе послужиме како важна алатка во правењето на првиот чекор кон мирот. Прашањето е во чии раце е таа алатка“, објави Туск на Х.
Посетата на Орбан на Путин ја коментира и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Помирувањето нема да го спречи Путин. Само единството и решителноста ќе го отворат патот за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“, рече таа.
Орбан последен пат ја посети Русија во септември 2022 година за да присуствува на погребот на советскиот лидер Михаил Горбачов, но тогаш не се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.
Медиумите потсетуваат дека европските лидери претходно изразија загриженост за посетата на Орбан.
Иако Унгарија го презеде претседавањето со ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, посочи дека Орбан нема мандат да разговара со Русија во име на ЕУ, а полскиот премиер Доналд Туск побара појаснување.