Приоритети во НАТО
Посочени приоритетите на НАТО и важноста да се зачува демократијата и мирот, економските можности и потенцијали кои ги нуди државата и за битката против корупцијата и криминалот. Балканскиот регион помина тежок период на предизвици и промени, кои покажаа дека соработката, забрзаниот развој и инвестирањето во пријателства на граѓаните единствено им носи подобар живот, потенцирал Мицкоски.
„Блокадите, кочењето и опструкциите треба да бидат реликвија на едно минато време од кое регионот треба да извлече поуки како се заглавува во неразумни спорови и се создаваат стереотипи и раздор меѓу граѓаните. Секоја иницијатива која е за поголема соработка на регионот и која може да донесе подобар живот е добредојдена. Потребен е нов почеток и генерација на политичари подготвени за разумен дијалог, базиран на факти“, рекол македонскиот премиер на средбата со сенаторите Џин Шајин и Том Тилис и членовите на набљудувачката група од Сенатот за НАТО.
Неизвесно дали Мицкоски ќе има средба со Мицотакис
Сè уште неизвесно дали македонскиот и грчкиот премиер ќе имаат средба во Вашингтон. Од двете влади официјално велат дека таа не е договорена, но не се исклучува можноста за состанок. Зборувајќи во Советот за надворешни односи во Вашингтон за Договорот од Преспа и европскиот пат на Западен Балкан, Мицотакис изрази загриженост поради како што рече, користењето на името Република Македонија за внатрешна употреба, од новата Влада.
„Еден од основните, ако не и најфундаменталните аспекти на овој договор беше поврзан со тоа што името Северна Македонија се користи ерга омнес. И ова е нешто што е многу јасно и не може да се преговара за Грција. Кога слушам дека новата влада ја нарекува државата како Република Македонија во земјата, имам сериозна загриженост. И ова е тема на која имам намера да се осврнам. Тоа не е конструктивно и не помага на европскиот пат на Северна Македонија“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Пред Самитот на НАТО, премиерот Мицкоски порача дека во Вашингтон оди подготвен, со документ кој ќе ги содржи обврските од Преспанскиот договор, што Грција не ги исполнила.
Извор: МРТ