Гледам како СДСМ и Левица покажуваат елементарно непознавање на тоа што е секуларизам.

Имено, тоа што неколку учесници на настан во Собранието на Македонија, на собир за Сребреница, од исламска вероисповед се помолиле за душите на жртвите, од овие две партии го квалификуваат како нарушување на секуларизмот. Било некаков верски обред…

Прво, нарушување на секуларизмот ќе беше доколку внатре имало оџа (или христијански свештеник) кој го води обредот. Така ќе претставуваше мешање на верските во државните институции. Во случајов немало верски лица, па претставува човеково право како некој ќе оддаде почит на жртвите. Овде не зборуваме за секуларизам, туку за право на вероисповед. Еве јас пред испит се молев на бога, тоа нарушување на секуларизмот ли е? Затоа што универзитетот е секуларна институција, немам ли право да се молам пред испит?

Второ. Молитвата доаѓа откако Мерсиха Смајловиќ ги повикала присутните да оддадат почит, па тие индивидуално одлучиле како ќе го сторат тоа. Немало никаков институционално организиран обред, туку индивидуален чин а со самото тоа и елементарно право.

Трето, тоа што претседателот на Собранието, Африм Гаши, бил гостин на настанот, не го прави несекуларен настан. Затоа што тоа не е седница на Собранието, туку комеморација која се одвива во Собранието. Настан е, не седница…. Гаши има целосно право да се моли онака како што смета.
Четврто, немојте вашата нетолерантност и неприфаќање на различностите да ги продавате како секуларизам…

Пишува: Љупчо Златев