Наместо во пруга која води во тунел, бидејќи од страната на Бугарија воопшто не е изготвен ниту проект, парите да се пренасочат за брза пруга по Коридорот 10, ќе бара Министерството за транспорт и врски. Ова следи откако е увидено дека проектот има многу недостатоци.
Многу недостатоци на проектот
Втората фаза од пругата според министерот Николоски се гради со спора динамика. Завршени се само 15 отсто од работите. Третата пак рече е речиси и невозможно да се реализира. Неопходно е уривање на 20 куќи во Крива Паланка, поради планинскиот појас движењето би било 60 километри на часа. На само 24 километри пруга, предвидено е и да се изградат 22 тунели. За изградбата би се потрошиле 560 милиони евра, што значи најскапа пруга во Европа. Затоа ќе бараат од Европската банка за обнова и развој и инвестициска банка, парите да се пренаменат за пруга од Табановце кон Гевгелија со која возовите би се движеле и до 120 километри на час, а проектот би бил значајно поевтин односно 250 милиони евра. Сепак рече мора да се најде алтернативно решение, и да се разговара со соседна Бугарија.
„Дали вреди да се потрошат 560 милиони евра народни пари во сиромашна Македонија за пруга која треба да уништи дел од градот Крива Паланка да вози со 60 километри на час, да има теоретски 22 тунели и да завршува во тунел кој не води никаде, или во превод никогаш нема да се заврши и за 10 години повторно ќе зборуваме дека не е завршена“, истакна министерот Николоски.
Патот до крајот на годинава ќе биде готов
За разлика од пругата, работите на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка се со задоволително темпо. Очекувањата се патот кој чини околу 94 милиони евра да биде завршен до нова година.
(ВИДЕО) Николоски и Трајановски на терен: Од Скопје до Софија ќе се стигнува за два и пол часа
Инвестицијата треба да овозможи побрз и побезбеден проток на сообраќајот но и развој на трговијата со Бугарија.
„Овој пат ќе овозможи многу побрза комуникација со Крива Паланка од Скопје кон Куманово и ова е дел од Коридорот 8 со кој се поврзуваме со Софија“, истакна Коце Трајановски, директор на ЈПДП.
Изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка започна во 2018-та година.