Во матичната комисија почна расправата за ребалансот на Буџетот. Министерката го опишува ребалансот како неопходен бидејќи претходниот бил несоодветно менаџиран од претходната власт.
Власта вели дека е неминовно да се спаси економијата, опозицијата пак вели дека ќе има жестока расправа бидејќи со ребалансот би се скратиле важни закони.
Според предвидениот ребаланс до крајот на годината државата има во план да потроши 5,89 милијарди евра, или 300 милиони евра повеќе од постојниот буџет. Дефицитот пак, од постојните 585 милиони се зголемува на 720 милиони евра.
ВМРО-ДПМНЕ обезбеди пари за вработените, студентите и пензионерите
Министерката за финансии Гордана Димитриеска вели дека ребалансот бил неопходен. Овој ребаланс овозможува враќање на макроекономската стабилност, постепена фискална консолидација, одржливо ниво на капитални расходи, зголемување на пензиите, а парите се обезбедени од сите непродуктивни трошења и онаму каде во проектите државата потфрлила со реализација на проектите.
Со ребалансот обезбедуваме средства за сите оние и за се она што било предвидено со закон, а немало планирани средства, односно средства за вработените, пензионерите, студентите, компаниите, како и за плаќање на обврските по основ на камати, заеми и слично, вели министерката за финансии.
СДСМ критикува
Венко Филипче на прес-конференција упати низа критики кон Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за новиот буџет. Тој критикува и за задолжувањето од Унгарија и вели дека неговата партија ја зголемило минималната и просечната плата.
Државата се води кон екстремно голем јавен долг. Нема никаков раст на БДП, нема да економски раст. Сите експерти сметаат дека ова е како „должничко ропство“, вели Венко Филипче.
Сепак, голем дел од критиките беа неосновани. Тој со многу енергија зборуваше за „неуспесите на ВМРО-ДПМНЕ“, но не спомена дека власта фуриозно започна со странски инвестиции, инфраструктура, нови работни места.
Бишев со пофалби, но и предупредувања
Претседателот на фискалниот совет, Глигор Бишев рече дека проектираниот расход се должи на домашната потрошувачка, а истакна дека во следниот период треба да се насочи државата кон зголемен нето извоз.
Во оптимистичко сценарио нам ќе ни фалат 25,8 милијарди денари буџетски пари да бидат префрлени во фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа значи сегашните дотации од 30 отсто да достигнат во 2025 година 37 отсто, вели Бишев.
Тој ја поздрави брзата интервенција и рече дека со овој буџет со усогласуваат макроекономските движења. Сепак, тој предупредува за евентуални проблеми и вели дека власта мора со следните буџети да го зголеми нето извозот.
Растот на БДП се темели само на домашната потрошувачка, фокусот мора да биде на мерките за зголемување на нето извозот вели Бишев и додава дека за поздравување е брзата одлука и неговото усогласување со најновите макроекономски движења.
Од судскиот совет и ЈО незадоволни од ребалансот
Претставници на судскиот буџетски совет и од јавното обвинителство се незадоволни од ребалансот на буџетот. Велат дека и онака кубурат со пари, наместо да се зголемиле, тие се намалуваат. Од овие институции се изјаснија, Силвија Јаневска и Љубомир Коцевски. Тие децидни, не смее да има кратење на парите наменети за судската власт и за обвинителството.