Новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, во своето прво интервју најави големи промени во функционирањето на институцијата. Според него, една од клучните новини ќе биде воведувањето на редовно полиграфско тестирање за сите вработени во АНБ. Христовски истакна дека претходните директори не го користеле ова законско право, но тој ќе се погрижи оваа пракса да стане дел од секојдневната работа на агенцијата.

Отвореност на АНБ кон надзорните тела

Во своето интервју, Христовски подвлече дека агенцијата ќе биде целосно отворена за сите надзорни тела што имаат задача да ја следат нејзината работа. Според него, ова ќе помогне во зголемувањето на транспарентноста и одговорноста на АНБ.

  • „Од првиот ден планирам да го воведам полиграфското тестирање како редовна пракса за сите вработени. Дополнително, вратата на АНБ ќе биде отворена за сите надзорни тела кои се задолжени да ја следат нашата работа,“ истакна Христовски.

Откажување од партиската поврзаност

Во врска со неговата претходна улога во политиката, Христовски објасни дека иако бил член на ВМРО-ДПМНЕ, тој формално се откажал од членството. Тој ја подвлече разликата меѓу неговата идеолошка определба и професионалниот ангажман, истакнувајќи дека сега целосно е фокусиран на својата работа како директор на АНБ.

  • „Идеолошката припадност не треба да влијае на професионалните обврски. Формално се повлеков од членството во ВМРО-ДПМНЕ и сега сум целосно фокусиран на моите задачи како директор. Како директор, ќе се водам исклучиво од професионални принципи,“ додаде Христовски.

Безбедносни сертификати и политики мотивирана хајка

Христовски го искористи интервјуто за да појасни некои од прашањата за неговиот безбедносен сертификат. Тој истакна дека има сертификат „строго доверливо“ и дека веќе почнал постапка за добивање на највисоката класификација за државна тајна.

Според Христовски, тој отсекогаш поседувал сертификати од највисок степен сè до 2019 година, кога поради, како што вели, политички мотивирана хајка, му бил одземен. По повторното вработување во МВР, поднел ново барање и го добил сертификатот „строго доверливо“.

  • Во текот на целата моја кариера, поседував безбедносни сертификати од највисок степен, вклучително и за државна тајна, сè до 2019 година, кога, поради политички монтирана хајка во која учествуваа високи функционери од УБК, не ми беше продолжен новиот безбедносен сертификат. Понатаму, не поднесов барање за нов сертификат, бидејќи не бев на работна позиција која тоа го бараше. По моето враќање во МВР, аплицирав за безбедносен сертификат „строго доверливо“ и го добив. Денес, со моето доаѓање во АНБ, започнав постапка за добивање на највисоката класификација, изјави Христовски.

  • НЕПОЗНАТИ ФАКТИ ЗА НОВИОТ ДИРЕКТОР НА АНБ: Бојан Христовски бил жртва на политички прогон!

Кариерен пат во безбедносниот сектор

Христовски ја опиша својата долга кариера во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), каде што започнал како приправник во 2006 година. Од тогаш, напредувал до позиции на инспектор и раководител на сектор. Во текот на својата кариера посетувал бројни обуки организирани од меѓународни и западни партнери, што го подготвило за сегашната функција. Но, според него, во моментот кога УБК се трансформирала во АНБ, за него биле изготвени лажни службени белешки.

  • „Започнав како приправник во УБК и постепено напредував. Мојата кариера е посветена на безбедносниот сектор и соработката со западни партнери,“ рече Христовски.

Аферата со прислушувањето и реакциите на Христовски

На прашањето за неговото мислење за аферата со незаконското прислушување на комуникациите, Христовски изрази лична вознемиреност и разочарување од случувањата. Тој посочи дека во тоа време бил началник на сектор кој немал врска со одделот кој бил инволвиран во следењето на комуникациите.

  • „Бев изненаден и разочаран од аферата со прислушувањето. Мојот сектор немаше врска со таа активност, а и структурата на УБК беше пирамидална, па не можев да побарам објаснување од одделот надлежен за тоа. . Народот на изборите што следеа, го даде својот одговор на аферата,“ изјави Христовски.