Од кога почнав да се занимавам со политика тврдам – на македонското прашање му е потребна енергија. И сметам дека денес дојде денот да отпочнеме еден сериозен проект, рече во вчерашниот говор по повод 23 Октомври премиерот Христијан Мицкоски иницирајќи го проектот кој Владата ќе проба да го договори со Македонската академија на науите и уметностите и со универзитетската заедница. Проект кој, како што објасни, ќе биде сеопфатен и преточен во стратегија на државата до 2050та година, со кој ќе се дефинираат приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели, и како да се стигне до нив, земјоделски, технолошки развој, енергетски и транспортен развој, и така натаму.

Значи сеопфатна стратегија која ќе ја дефинира новата парадигма на современата држава. Ние мора да ги користиме знаењата на сите кои можат да помогнат, ние мора да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата, а потоа ќе побарам широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија. На државата тоа и недостасуваше со години. МАНУ и научните умови беа маргинализирани и насочени само кон своите проекти и научни цели, но мора да се вклучат и да помогнат во развојот и во поставување на нејзините цели и приоритети. И сега знам дека во јавноста ќе почне да зборува за ваква или таква академија, па заради тоа го кажувам сето ова. Науката, целите и стратегијата не треба да се етнизираат, рече Мицкоски.

Додаде дека на грѓаните им е потребна им е стратегија и преку глава им е од водење на државата ден за ден.

Ако имало стратегија и заеднички приоритети и патоказ како да се постигнат, немаше да чекаме 20 и кусур години да не признаваат земји под уставното тогашно име, според стратегијата на Глигоров, дека времето работи за нас, која не велам дека не била исправна во тоа време, сигурно имале свои причини зошто правеле таква стратегија. Затоа за да не доаѓаме до такви тешки моменти потребно е долгорочна стратегија чии главни точки и стратешки цели нема да зависат од лкомоста на политичарите, ниту од нивното незнаење. Или што ќе беше ако прашањето за името се решеше 1990та година? Каде ќе беше денеска нашата татковина? Јас не викам дека јас сум најдобар, напротив и јас има работи кои ги учам со оваа професија, и самиот си увидувам грешки па се трудам да ги исправам, сакам да слушнам различни мислења и охрабрувам дебата, јас верувам во демократијата и во потенцијалот на демократијата, но истовремено јас сакам да ги соберам околу себе најдобрите и заедно да работиме да одиме напред. Луѓе сме, знаеме по некогаш и да погрешиме. о, уште повеќе грешно ќе биде ако сме констатирале дека сме погрешиле не се корегираме. Сите оние кои ќе констатираат дека погрешиле бескрајно ги почитувам. Потекнувам од универзитетската заедница и знам што значи титулата која ја имаат сите оние кои ги повикувам да се вклучат во овој проект. Од нив може многу да научиме и тие се духот на нашата земја и дел од нашиот идентитет, рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека секоја Академија на науки од соседството соработува со својата државата, и придонесува кон градење на стратегиите на државата и дека нашата мора да го добие заслуженото место на почит, но и на одговорност.

Еве да ја почнам јавно дебатата кон која треба да се насочиме: Последните 70 години сме на добар пат да исчезниме како држава. Тоа е една генерација од сега. Зошто никој до сега не ја отворил оваа тема? Според анализите на Стратфорд од земјава до 2050та ќе има 400 илјади луѓе помалку. Дали знаете што значи тоа за општеството, економијата и за државата? Населението кое се иселува е работоспособно. Сериозни држави планираат со десетици и стотици години нанапред. После договорот а Хонг Конг и Британците и Кинезите излегле среќни. Кога ги прашале Британците зошто се радосни, тие одговориле во наредните 100 години Хонг Конг ќе биде наш, а кога ги прашале Кинезите зошто сте вие радосни, тие рекле, после 100 години Хонг Конг ќе биде наш. 100 години оттогаш одамна поминаа. Хонг Конг е сега кинески, рече Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека историјата може многу да нè научи и стратешкото размислување и планирање може и мора многу да ни помогне во периодот кој следи.

Кој ако не МАНУ, требаа да се организира во изнаоѓање лек за ова и во дефинирање на најголемите предизвици во иднина на државата. Како ќе функционира држава со таква диспропорција на население и толку малку луѓе кои ќе работат, да не кажам од нив повеќе под пола во администрацијата. Кој ќе ја одржува таа држава? Знае ли некој од овие кои досега ја воделе државата – каде оди државата??? Размислил ли некој и отворил дискусија за клучните прашања? Демографија со миграцијата и наталитетот? Вредностите кои треба да ги имаме? Приоритетите кои мора а ги решаваме. Како да посадиме денес, за идните генерации да жнеат плодови. Дајте да дефинираме што а најважно, кои се нашите приоритети и да одиме напред. Ние како Влада имаме јасен план што да правиме во својот мандат. Имаме програма, имаме генерална стратегија и ги имаме предвид овие работи кои ги спомнувам при носењето одлуки, но искрено се сомневам дека има уште многумина кои мислат на овој начин. Овде еден од главните проблеми е политиката купи ден продај. И толку. Никој не размислува стратешки и долгорочно, потенцираше Мицкоски.