И покрај победата на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, се соочува со предизвикот да формира стабилна влада. Иако ГЕРБ-СДС освои најмногу гласови со 26,40%, Борисов нема доволно мандати за еднопартиско мнозинство, па затоа ќе мора а коалицира со неколку други партии во парламентот за да го обезбеди потребното мнозинство. Според аналитичарите, ќе му бидат потребни од три до четири коалициски партнери за да формира функционална влада.

Борисов: Преговори со сите освен Преродба

Борисов јасно стави до знаење дека е подготвен за соработка со речиси сите партии што влегоа во парламентот, освен со Преродба на Костадин Костадинов, кои добија 13,38% од гласовите. Според резултатите, на второ место е коалицијата на Продолжувае со промената – Демократска Бугарија со 14,23%, додека ДПС на Делјан Пеевски освои 11,45%. Останатите партии, меѓу кои и Бугарската социјалистичка партија со 7,52%, Има таков народ на Слави Трифунов и новите партии Величие и МЕЧ, ќе имаат клучна улога во можната коалициска структура.

  • „Преродба не е наш избор за коалициски партнер,“ истакна Борисов, додавајќи дека приоритет му е соработка со партии кои ќе ја поддржат неговата визија за стабилност.

Мицкоски гледа надеж во стабилна бугарска влада

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, изрази надеж дека со формирањето на стабилна бугарска влада ќе се продолжи дијалогот со Бугарија за македонските интеграции. Мицкоски смета дека Борисов е соодветен партнер за разговор за предлогот за уставни измени со одложено дејство и за прашања кои се клучни за регионалната стабилност.

Девет партии во новиот бугарски парламент

Според преброените гласови, во новиот бугарски парламент ќе влезат девет партии, со следната распределба:

  • ГЕРБ-СДС – 26,40%
  • Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија – 14,23%
  • Преродба – 13,38%
  • ДПС – Нов почеток – 11,45%
  • Бугарска социјалистичка партија – 7,52%
  • Алијансата за права и слободи – 7,49%
  • Има таков народ на Слави Трифунов
  • Величие и МЕЧ, кои за прв пат влегоа во парламентот и најавија дека нема да коалицираат со Борисов.

Според тамошните изборни податоци, над 82.000 бугарски граѓани гласале со опцијата „Не поддржувам никого“, што ја покажува сложеноста на политичката сцена во Бугарија.

Повторени избори и предизвик за стабилност

Овие избори беа седми по ред во последните три години, што ја истакнува нестабилноста во бугарската политика. Борисов се надева дека со комбинирање на коалициски партнери ќе успее да формира долгорочна влада, но големиот број партии и нивните различни позиции претставуваат голем предизвик за постигнување на стабилност.